(Видео) Митева: Образованието доживува крах

пред 4 години

Образованието доживува крах, наставници и ученици заболуваат од КОВИД, голем број деца немаат компјутери, а Царовска крати од парите за образование, обвини Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓаните покрај навредите од Заев и Царовска го трпат и неуспехот на секое поле во општеството предизвикан од нивните лоши политики и неспособност. ВМРО-ДПМНЕ предупреди за хаосот предизвикан од неадекватното справување со КОВИД пандемијата во делот на образованието, кој го живееме денес. Но власта не презема ништо. Епилогот е секојдневно зголемување на бројот на заразени ученици и наставници. Уште поголема е бројката на оние кои се во самоизолација. Образованието не е на листата на приоритети на Владата. Секојдневно имаме инфицирани наставници, ученици, негувателки од градинки, мали деца“, рече Митева.

Таа вели дека едукацијата на наставниците е неуспешна и дел од нив сè уште немаат компјутери, а голем број на ученици воопшто не се приклучуваат на наставата.

„Власта се соочува со неуспеси на полето на образованието. Вадат паушални статистики дека околу 88% од учениците непречено следат онлајн настава. Но, никој не кажува како дошле до таа бројка. Директорите на училиштата, секој ден во 10 часот добиваат апликација во која ги регистрираат проблемите и причините за нив. Каква е таа апликација, иста како платформата? Зошто директорите односно партиските кадри, даваат одговори наместо учениците и родителите? И што е со останатите 12%, ако може да се верува на статистиките на власта“, кажа Митева.

Таа рече дека од парите во Буџетот наменети за развој на образованиот систем на основците се кратат 5 милиони евра, а во средното образование 2,2 милиони евра. Дополнително, додаде Митева, минусирани се цели, 11,6 милиони евра наменети за функционално образование какво што заслужуваат идните академски граѓани.

Scroll to Top