(Видео) Јанушев: Заев не набавува фингерпринт терминали зошто знае дека на фер избори ќе доживее дебакл

пред 3 години

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на денешната прес-конференција повторно ја наметна темата за гласање со отпечаток од прст, нагласувајќи дека кај опозициската партија постојат сомнежи дека премиерот Зоран Заев не сака договор за Изборниот закон.

„Се сомневаме дека намерно и свесно го одолговлекува спроведување на законот во делот на отисокот од прст, само и само за да има полнење на кутии и групно гласање. Ова е последица на тоа што и Заев знае дека на фер и демократски избори ќе доживее дебакл“, изјави Јанушев.

Тој потсети дека Изборниот законик кој лани пред изборите беше донесен акламативно од страна на партиите во Собранието е дециден и тој наложува задолжително користење на опрема за отчитување на отпечатоци од прсти и тоа од две причини: прво, за потврдување на идентитетот на гласачите, а второ, за утврдување дали гласачот веќе го има остварено гласачкото право.

„Системот практично овозможува во никој случај да не може да дојде до двојно гласање, односно едно лице да гласа за друго, ниту едно лице да гласа на повеќе избирачки места и во никој случај не може да дојде до полнење на кутии, бугарски возови итн“, истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Јанушев воено нагласи дека набавката на фингерпринт терминалите е законска обврска и истата мора да се исполни.

„Одржување на избори без фингерпринт терминали е спротивно на Изборниот законик и истото претставува кривично дело. Владата имаше повеќе од доволно време да набави фингерпринт терминали и ништо не може да биде изговор“, порача тој.

Scroll to Top