ВМРО-ДПМНЕ: Агенцијата за филм и нејзините лажни ветувања наспроти катастрофалната состојба во македонскиот филм

пред 3 години

„После минатогодишното незаконско користење на логото на Министерството за култура, Агенцијата за филм повторно затскривајќи се зад сенката на Министерството за култура бара оправдување за катастрофалната состојба во македонскиот филм.

И покрај помпезните најави од Бојан Лазаревски, актуелниот директор на Агенцијата за филм, дека ќе обезбеди стабилен и одржлив развој на македонската кинематографија, за жал, македонските продуценти се соочуваат со сосема поинаква реалност во филмската дејност. Дел од дописите од страна на Агенцијата за филм до македонските продуценти само ја потврдуваат катастрофалната состојба во филмската дејност. Затоа, одговорност мора да има, како од актуелниот директор Бојан Лазаревски, така и од неговиот претходник Горјан Тозија!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Комисијата за култура на ВМРО ДПМНЕ повторно апелира до Владата и надлежните институции под итно: да направат увид во Годишните Конкурси за финансирање кои ги распишува Агенцијата за филм. Посебно, да дадат одговор зошто нема резултати од Конкурсот за финансирање на филмски проекти во вториот рок на одлучување за 2020 година, а истите согласно Законот за филмска дејност требаше да бидат објавени во октомври во тековната година. Но, и покрај фактот дека нема резултати за минатогодишниот Конкурс, распишан и во тек е Годишниот конкурс за филмски проекти за 2021 година.

Да се утврди по која законска основа е распишан Конкурсот наменет за филмови кои во моментот на аплицирање се во фаза на пост-продукција и не се претходно поддржани од страна на Агенцијата за филм; да се направи детален увид во финансиската состојба на Агенцијата за филм – во состојбата на сопствените сметки како и во преземените обврски; детално да ги проучат годишните финансиски планови и да утврдат дали истите соодветствуваат со годишните финансиски извештаи на Агенцијата за филм за последните 4 години; да се изврши контрола и ревизија на извештаите од спроведените инспекциски надзори на Министерството култура кои се однесуваат на работењето на Агенцијата за филм, кои патем секогаш без исклучок ги прави еден ист инспектор;

Да се направи ревизија на наплатата на надоместоците од други правни лица согласно член 12 и член 13 од Законот за филмска дејност, а за што е предвидена кривична одговорност за директорот на Агенцијата за филм; да се земат предвид укажувањата на Антикорупциската комисија за незаконското работење на Агенцијата за филм, начинот на распределба и трошење на буџетските средства, енормно високите износи за исплата на договорни услуги за т.н. “експерти”, потоа ПР-агенции, адвокатски услуги како и за констатираниот судир на интерес кај други надворешни соработници“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top