ВМРО-ДПМНЕ: Дали Пендаровски прашал некого за одбие членство на земјата во ЕЕЗ?

пред 3 години

Стево Пендаровски не ги знае ниту основните европски институции. Европската економска заедница е претходница на ЕУ од која Унијата настанала, и таа веќе не постои. Како Пендаровски одбил членство во нешто што го нема?! Но доколку Пендаровски одбил членство во Европската економска зона (ЕЕЗ), тогаш тој постапил неодговорно, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Стево Пендаровски и Зоран Заев не се монарси, на кои народот им го предал правото безусловно да владеат и Македонија не е нивна своина, ниту Пендаровски, ниту Заев не смеат да донесуваат стратешки одлуки без да го прашаат народот. Кого прашал Пендаровски кога ја одбил понудата Македонија да стане членка на Европската економска зона?!“, прашуваат јавно од опозициската партија.

Од таму објаснуваат дека Европската економска зона е посебна зона составена од држави кои се дел од заедничкиот пазар на ЕУ.

„Држави кои се дел од Европската економска зона се Норвешка, Лихтенштајн и Исланд, а пред да влезе во ЕУ таму била и Хрватска, со членувањето во Европската економска зона државата станува дел од заедничкиот пазар на ЕУ на чија територија важат исти правила, прописи и трговијата кон земји членки на ЕУ се одвива слободно, како земјата да е членка на ЕУ“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, одбивањето на ваква понуда е скандалозно, а државниот врв не смее да донесува одлуки на своја рака односно за ваква понуда мора да се консултира со граѓаните.

„Членството во ЕЕЗ ќе значи повеќе работни места, развој на деловното окружување, но пред се обврска за усогласување на домашното законодавство со стандардите на ЕУ. Очигледно е дека СДСМ се грижи единствено за бизнис интересите на семејството Заеви, наместо за македонските работници и стопанственици“, стои во партиската реакција.

Претседателот Пендаровски на вчерашната конференција за Западен Балкан организирана од Пријателите на Европа, обелодени дека македонскиот државен врв добил понуда за членство во, како што рече, Европската економска заедница, но понудата била одбиена затоа што нема друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека одбивањето на понудата е антидржавен чин и повикуваат Пендаровски и Заев да кажат зошто ја одбиле истата и од чии странски интереси се воделе.

Scroll to Top