Во Велес, трет ден вакцинација од сезонски грип

пред 3 години

Во ЈЗУ Здравствен дом Велес до денес против сезонски грип вакцинирани се 300 граѓани од категориите пензионери над 65 години, хронични болни, бремени жени, здравствени работници и деца од 6 месеци до 5 години.

Како што информира д-р Пандели Божиков од службата за вакцинирање на ЈЗУ Здравствен дом, вакцинирањето се одвива без проблеми и исклучиво преку упат за Мој термин издаден од Матичните доктори. Вакцинирањето се изведува во посебна амбуланта.

-Најголем дел од вакцинираните се постари лица над 65 години и хронични болни, а вакцинирани се и здравствените работници и во помал број бремени жени и мали деца, информира д-р Божиков.

Тој најави дека вакцинирањето ќе продолжи и во наредната недела за што очекуваат нови пратки на вакцини против сезонски грип.

-Вакцинирањето е со проверена француска четиривалентна вакцина, два типа од Тип А и два типа од тип Б,информира Божиков.

Освен од Општина Велес со бесплатна вакцина против сезонски грип се опфатени и жители од Општините Градско и Чашка. Во ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес се уште не е почнато комерцијалното вакцинирање против сезонски грип.

Како што информира д-р Анастасија Иванова директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес, очекуваа комерцијални вакцини да добијат до крајот на месецов или на почетокот на декември.

Scroll to Top