Во ковид центрите се помалку места, бројките на новозаболени и на приеми во болниците континуирано растат

пред 3 години

Се очекува вакцините од „Астра Зенека“ во земјава да стигнат на 31 март и 15 април, додека кинеските вакцини на карјот од месецов најавуваат здравствените власти. Тврдат дека системот е комплетно подготвен за процесот на имунизацијата.

Во меѓувреме во земјава вчера беа регистрирани нови 1.216 случаи на Ковид-19 од направени 3.761 тестови, оздравени 111 пациенти, а починати 15 лица.

Лекарската комора ја повика Комисијата за заразни болести сериозно да го земе предвид воведувањето дополнителни рестриктивни мерки и протоколи, бидејќи, како што наведе во соопштението, се наоѓаме во исклучително сериозна состојба, од која може да излеземе само ако сите почнеме одговорно да се однесуваме и да ги почитуваме мерките за заштита.

Согласно вчерашните податоци, на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови во земјава се лекуваат 1193 пациенти со Ковид-19 и во ковид- центрите има околу 290 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.

Министерството за здравство, исто така соопшти дека се зголемува капацитетот за хоспитализација на пациенти со Ковид-19 во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и во ГОБ „8 Септември”. Пуштен е во употреба дел од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) со 25 болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.

На Клиниката за пластична и реконструктивна хрургија и на Клиниката за торакална хирургија обезбедени се 50 болнички кревети. Клиниката за торакална хирургија продолжува со нормална работа за итни случаи, а хируршките интервенции во моментов се редуцирани и се изведуваат само итни операции и операции на малигни состојби.

Во ковид одделите во внатрешноста има доволен број болнички кревети и капацитетите во болниците не се оптоварени.

Досега во земјата се направени вкупно 578.923 тестирања на Ковид-19.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 116.438, бројката на оздравени пациенти е 99.126, на починати е 3.403, а бројот на активни случаи изнесува 13.909.

Scroll to Top