„Левица“: Џафери итно да ја постави на дневен ред Декларацијата за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии

пред 4 години

Во очи на најавеното бугарско вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ, пратениците на Левица во Собранието, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, до претседателот на Собранието, Талат Џафери поднесоа официјално писмено барање за ставање на Предлог-декларацијата за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии како точка на дневен ред за наредната – дваесет и прва пленарна седница.

Ова пратеничко право, како што велат тие, им го дава чл. 14 од Законот за пратениците и чл. 69 од Деловникот на Собранието на РМ, кој предвидува дека секоја втора редовна седница претседателот е должен да стави точка на дневен ред по барање на парламентарната опозиција.

„ Ова го бараме од причина што Деветнаесеттата седница беше ставен последниот предлог на опозицијата за измена на Изборниот законик (Алијанса, Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ) од предлагачите Сурија Рушити и Никола Мицевски. Следната тековна Двасетта седница не беше ставен никаков предлог на опозицијата, па оваа наредна дваесет и прва седница е следната на која опозицијата има право да предлага да се стави точка на дневен ред, а вие сте должен тоа да го сторите преку една, односно на секоја втора редовна седница согласно цитираниот член од Законот“, нагласено е во барањето.

Со оглед на итноста и актуелноста, од партијата велат дека очекуваат од спикерот Талат Џафери да си ја исполни оваа своја деловничка должност и веќе на следната планирана седница да се расправа за ова горливо прашање поврзано со нашиот национален идентитет.

Scroll to Top