Од денеска во сила новите мерки: Полициски час од 21, отворени терасите на кафеаните

пред 3 години

Угостителските објекти од денеска ќе можат да ги отворат терасите и да работат до 20:30 часот. Од денеска престанува да важи и забраната за организирање, одржување и присуство/учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.

Забраната за организирање свадби, родендени и крштевки останува, а продолжува да важи и забраната за работа на сите фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор.

Согласно владината Одлука донесена по препорака на Комисијата за заразни болести, угостителските објекти регистрирани за прослави (свадби, родендени и крштевки) ќе можат да ја организираат својата работа само како ресторани на отворено (на терасите).

И вежбалните, фитнес клубовите, спортските центри и спортските сали ќе може да ја извршуваат дејноста на отворен простор, согласно соодветниот наменски протокол.

Како што соопшти Владата, новите мерки ќе важат до 15 мај.

Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и до сега.

Владата вчера соопшти дека полицискиот час од денеска ќе почнува во 21:00. До тогаш ќе функционира и јавниот градски превоз. Билетарниците на ЈСП и центрите за персонализација ќе работат од 6:00 до 19:30 часот. Жичарницата на Водно нема да работи, а нема да сообраќаат ниту трите линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б), како и туристичката линија „Сити тур“. Исто така, продолжува да не важи и бесплатниот превоз за возрасни – во вторник, петок, сабота и недела.

Последниот ковид-биланс во државава е 450 новозаболени, оздравен 1 001 пациент и починати 28 лица. Направени се 2.874 тестирања, а вкупната бројка на дијагностицирани е 151.122. На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 798 пациенти. Слободни кревети има. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ државата е 1368, а во КОВИД-центрите празни се околу 570 болнички кревети.

Scroll to Top