Повисоки бројки и нова најава за вакцини против Ковид-19,

пред 3 години

Месецов во земјава треба да пристигнат дел од вакцините од „Фајзер“. Ова е најавата што вчера ја соопштија и премиерот Зоран Заев и Министерството за здравство. Најавата за стартот на имунизацијата доаѓа во услови кога минатата недела во земјава се бележи раст на бројот на новозаразени лица со Ковид-19 за 56,4 отсто.

Капацитетот на Инфективната клиника е исполнет, поради што во функција повторно се става модуларната болница во Клиничкиот центар. Вакцинацијата од утре ќе се префрли во Здравствениот дом во Скопје.
Министерството за здравство соопшти дека компанијата производител на вакцини против Ковид 19 „Фајзер-Бионтек“, вчера го испратила договорот за купување вакцини. „Фајзер-Бионтек“ во 2021 година на Македонија ќе и испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во четири квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. Во договорот е наведено дека компанијата „Фајзер-Бионтек“ овој месец во нашата земја ќе испорача 21.060 дози вакцини.

Согласно вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје, во претходните 24 часа се регистрирани се 721 нов случај на Ковид-19, починале девет лица и се регистрирани 1.753 оздравени пациенти.

Досега во земјава се направени вкупно 533.505 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 105.269, бројката на оздравени пациенти е 93.942, на починати е 3.165, а на активни случаи изнесува 8.162.

Scroll to Top