Професионалните војници после 45-тата ќе можат да продолжат и како пожарникари во територијалните против-пожарни единици

пред 3 години

Професионалните војници со навршени 45 години старост, меѓу останатите опции, ќе имаат можност и за префрлување во територијалните против-пожарни единици на работни места пожарникари-спасители. Веќе 16 поранешни професионални војници својата кариера ја продолжуваат како пожарникари и тоа осум лица во Скопје, пет лица стануваат пожарникари во Кичево, а тројца од нив во општина Валандово. Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ денеска на прес-конференција соопшти дека Министерството за одбрана посветено работи на спроведување на законската обврска околу грижата за професионалните војници коишто со навршени 45 години возраст ја напуштаат Армијата. -Од денеска отвораме нова можност за нашите досегашни колеги со трансфер во против-пожарната дејност во Републиката. Со оваа опција, го зајакнуваме составот на против-пожарните територијални единици во Републиката со високопрофесионален, подготвен кадар, а од друга страна им обезбедуваме продолжување на работен ангажман на нашите колеги до остварување на услови за пензија со што нивното егзистенцијално прашање е затворено, истакна Николиќ. Државниот секретар информираше дека паралелно со новата можност се реализира и трансферот на професионалните војници и во други органи на државната и локалната власт согласно законот и потребите. Во моментот се реализира преземање на професионалните војници и во Управата за извршување на санкции, на работни места затворски надзорници во неколку Казнено-поправни установи во Републиката и тоа во Идризово, Штип, Куманово, Велес. Во тек е и административна постапка за преземање на нашите колеги во судовите низ државата, на работни места припадници на судска полиција, појасни Николиќ. Согласно годишниот план за 2021 година за преземање и прераспределување на поранешните професионални војници со наполнети 45 години возраст, Николиќ рече дека дел од нив остануваат и како цивилни лица на служба во Армијата, но и дека се водат разговори и со други институции за отворање нови можности за нивниот трансфер. Текстот Професионалните војници после 45-тата ќе можат да продолжат и како пожарникари во територијалните против-пожарни единици е превземен од А1он .

Scroll to Top