„Трчајте во октомври“ за поддршка на заболените од ретката болест Вилсон

пред 4 години

Традиционалната хуманитарна штафетна трка „Подај рака 2020“, за поддршка на заболените од ретката болест Вилсон, годинава ќе се одржи во виртуелна форма и ќе трае во текот на цел месец октомври. Ова е шесто издание на трката, која ја организира Здружението на граѓани за поддршка на лица со оваа ретка болест – Вилсон Македонија. Од Здружението велат дека се одлучиле за ваков формат на настанот со цел да ја продолжат традицијата, а притоа да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од корона вирусот.

-Заради состојбата со пандемијата, оваа година се одлучивме за поинаква форма на трката. Учесниците треба индивидуално да изминат најмалку еден километар, кога било во периодот помеѓу 1 и 31 октомври, потоа да ни испратат фотографија и со тоа да станат дел од виртуелното издание на „Подај рака 2020“. Не сакаме преку групен собир да ги изложиме на непотребен ризик ниту пациентите, ниту нашите поддржувачи. Веруваме дека и преку оваа виртуелна трка сите заедно ќе го кренеме гласот за поддршка на лицата болни од Вилсон. Се надеваме дека пандемијата ќе заврши што поскоро и следната година ќе ги вратиме насмевките, детскиот џагор и добрата забава во Градскиот Парк“, велат од Здружението Вилсон Македонија.

Виртуелниот формат ќе им овозможи и на лицата заболени од Вилсон и од други ретки болести, како и секоја година до сега, активно да учествуваат на трката без ризик по нивното здравје. На тој начин, симболично ќе покажеме дека кога дијагностиката и терапијата се навремени, со најголем дел од ретките болести, може да се живее нормален живот, рамноправен со сите здрави луѓе.

-Со овој настан, сакаме да им дадеме поддршка на сите лица кај кои заради ненавремената детекција, ретките болести оставиле трајни последици, како и да им оддадеме почит на оние кои прерано го изгубиле животот борејќи се со нив, велат од Вилсон Македонија.

Котизацијата за учество во виртуелната трка е симболична и изнесува 200 денари по учесник. Секој регистриран учесник ќе добие маица и заштитна маска со логото на трката на домашна адреса. Повеќе информации и пријавување за годинешната трка „Подај рака“ се достапни на следниот линк.

Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што доведува до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите, процес кој се одвива постепено, со години, пред појавата на првите симптоми.

Scroll to Top