Албанија ќе даде од своите вакцини за здравствениот персонал во ковид болницата во Приштина

пред 3 години

Албанија ќе оддели вакцини од првата количина што ќе ја набави за здравствените работници во ковид болницата во Приштина. Тие ќе се вакцинираат во исто време кога и здравствените работници во ковид болниците во Тирана.

Информацијата ја соопшти премиерот Еди Рама, кој претходно кажа дека Албанија ги обезбедила првите 500.000 дози вакцина од компанијата Фајзер и оти првите 10.750 вакцини ќе пристигнат на почетокот на третата недела од јануари.

-На Косово ќе му бидат донирани вакцини за белите мантили во ковид болницата во Приштина. Тие ќе бидат вакцинирани во исто време со лекарите од трите ковид болници во Тирана,рече Рама.

Додаде дека ја замолил министерката за здравство Огерта Манастирлиу веднаш да комуницира со нејзиниот колега во Косово за да може да се донесе одлука за можната количина за персоналот на болницата во Приштина.

-И покрај тоа што не сме богати и не сме го преминале ниту ова море каде продолжуваме да чекориме пеш, ние Албанците не можеме и никогаш не смееме да си свртиме грб еден на друг, кога имаме потреба или кога сме во иста ситуација, рече Рама.

Инаку, според проценката на стручните лица од оваа област на Албанија и се потребни најамлку два милона дози вакцини за да се постигне колективен имунитет.

Scroll to Top