Бајден сака да ги признае турскиот геноцид врз Ерменците, нов тест за односите Анкара-Вашингтон

пред 3 години

Американскиот претседател Џо Бајден е подготвен официјално да го признае убиствата на повеќе од милион Ерменци на почетокот од 20 век како геноцид, со што дополнително ќе се разгорат тензиите помеѓу Вашингтон и Анкара, јави Си-Ен-Ен.

Неименувани претставници на американската администрација изјавија дека Бајден ќе даде изјава на 24 април по повод Денот на сеќавање на масовните убиства на Ерменците.

Иако поголем број историчари оценуваат дека Отоманската империја извршила геноцид врз Ерменците и припадниците на другите етнички и верски малцинства помеѓу 1915 и 1923 година, Турција тврди дека тоа било време на војна и оти имало загуби на двете страни, а според Анкара, во судирите се убиени околу 300.000 Ерменци.

Бајден во предизборната кампања вети дека, како претседател, „ќе ја поддржи резолуцијата со која се признава геноцидот врз Ерменците“. Слични ветувања даваа и претходните американски претседател, но не ги исполнија.Барак Обама и Доналд Трамп го избегнуваа терминот геноцид поради можниот гнев на Анкара.

Повеќе од 100 члена на Претставничкиот дом во средата потпишаа писмо до Бајден во кое го повикуваат да стане првиот американски претседател, кој официјално ги признал злосторствата од Првата светска војна како геноцид.

Претходно, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу истакна дека Турција не е загрижена за евентуалната одлука на Бајден и во истовреме дека тоа „ќе им наштети“ на односите меѓу двете земји.

Турција би можела да создаде неформални бариери за увоз од САД, рече Синан Улген, поранешен турски дипломат и претседател на тинк-тенк „Едам“ во Истанбул, нагласувајќи дека одговорот најверојатно ќе земе предвид дека многу турски граѓани го делат ставот на Владата за историјата .

Според аналитичарите Анкара би можела да реагира привлекувајќи го вниманието кон третманот на европските имигранти во однос на домородните Американци и, иако е помалку веројатно, да им забрани на САД да ја користат воздушната база Инџирлик.

Односите помеѓу САДС и Турција се влошени изминатите години поради одлуката на Анкара да го купи рускиот ракетен одбранбен систем С-400, како и поради прашањата за човековите и граѓанските права од претседателот Реџеп Тајип Ердоган и улогата на Турција во неколку регионални конфликти.

Бајден би можел да стане првиот американски претседател кој би го признал геноцидот врз Ерменците, иако Роналд Реган во 1981 година во писмената изјава за холокаустот укажа на геноцидот врз Ерменците.

Scroll to Top