Бајден призна дека масакрот врз Ерменците е геноцид, Турција веднаш одговори

пред 3 години

Американскиот претседател Џо Бајден денес формално призна дека масакрот врз Ерменците од 1915 година, беше геноцид во Отоманската империја, пренесуваат Светските агенции.

Тој употреби израз што неговите претходници во Белата куќа го избегнуваа со децении со цел да не ги влоши односите со Турција, пренесува АП.

„Американскиот народ им оддава почит на сите овие Ерменци кои исчезнаа во геноцидот што започна на денешен ден пред 106 години. Воспоставуваме историја. Не го правиме ова за да ја одбегнеме вината, туку за да се осигураме дека тоа што се случи никогаш повеќе да не се случи“, наведува Бајден во изјавата.

Турција решително ја отфрли ваквата карактеризација, признавајќи дека голем број луѓе загинале во тоа време, но инсистира на тоа дека бројот на жртвите бил претеран и дека нивната смрт е резултат на граѓанските немири, анализира АП.

„Турција целосно ја отфрла изјавата на американскиот претседател Џо Бајден“, изјави министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу неколку минути по изјавата на Бајден дека бил извршен геноцид врз Ерменците во Отоманската империја во 1915 година.

„Зборовите не можат да ја менуваат или препишуваат историјата. Од никого нема што да учиме за сопственото минато. Политичкиот опортунизам е најголемото предавство на мирот и правдата. Ние целосно ја отфрламе оваа изјава заснована исклучиво на популизам“, напиша Чавушоглу на Твитер.

Scroll to Top