Додик на сослушување за тоа од каде му е украинската икона што му ја подари на Лавров

пред 3 години

Претседателот во Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, мораше да се јави во Обвинителството на БиХ во Сараево, а според локалните медиуми, тој сведочел како дел од истрагата за сомнителното потекло на иконата која му ја подари на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, при неговата посета на БиХ.

Додик се обидел незабележано, преку споредна врата, да влезе во седиштето на Обвинителството на БиХ, но медиумите сепак го забележале и објавија за тоа. Според информациите, тој во зградата на Обвинителеството се задржал околу еден час.

Додик е главниот актер во аферата Икона бидејќи на 14 декември минатата година, тој му подари икона на рускиот министер Лавров како личен подарок, што се покажа дека е регистрирана како украински имот во 20-тите години на минатиот век.

Прашањето како иконата стигнала до БиХ остана без јасен одговор, а Додик понуди објаснување дека таа во БиХ била во сопственост на семејство чиј член му ја подарил него.

„Не го знам ниту името на човекот кој ми ја даде иконата, само мислев дека може да биде убав гест“, е објаснувањето што Додик го понуди јавно, избегнувајќи јасно да одговори на многу прашања. Неговата основна теза е дека ова уметничко дело не може да е во сопственост на Украина затоа што не постои документ што може да го докаже тоа, но украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба остро реагираше, велејќи дека Додик лаже и дека иконата е украинска.

Рускиот министер Лавров ја врати иконата во амбасадата на БиХ во Москва на 24 декември минатата година, инсистирајќи да се утврди точниот сопственик на иконата, а од Украина дојде барање за случајот да се отвори истрага во БиХ.

По тој повод, украинскиот амбасадор во БиХ Василиј Кирилиќ во јануари во Сараево се состана со главната обвинителка во Обвинителството на БиХ Гордана Тадиќ, по што Обвинителството официјално отвори истрага.

Scroll to Top