ЕУ „длабоко загрижена“ за ризикот од ескалација на украинската граница со Русија

пред 3 години

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска голем дел од неформалниот состанок го посветиле на Русија и на ситуацијата на украинската граница каде се собрани 150 илјади руски трупи, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова е, според високиот претставник за надворешната политика на ЕУ, Жосеп Борел, највисокиот број на руски трупи до сега на границата со Украина.

На неформалниот министерски состанок денеска се придружи и украинскиот министер за надворешни работи, Димитри Кулеба, кој ги информирал партнерите за ситуацијата.

-Зголеменото присуство на руската војска на границата е многу загрижувачко, 150 илјади руски вијници се наоѓаат на украинската граница и ризикот од ескалација е очигледен. Ја поздравуваме Украина и нејзината воздржана реакција и итно ја повикуваме Русија на деескалација, рече Жосеп Борел денеска на прес конференцијата по состанокот за надворешни работи на ЕУ.

Европската унија ја потврди нејзина недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Министрите разговарале и за влошената здравствена состојба на опозиционерот Алексеј Навални, кој попладнево е пренесен во затворска болница.

Шефот на ЕУ дипломатијата порача дека Навални треба да добие пристап до медицински персонал во кој има доверба.

-Нашата заедничка порака денеска до руските власти е дека тие се одговорни за неговата безбедност и неговото здравје и дека ќе бараме отчет од нив за тоа, предупреди Борел.

Чешкиот министер за надворешни работи ги информирал колегите за одлуката за протерување на осумнаесет руски дипломати од неговата земја поради експлозија во складиште за оружје во 2014. Според информациите на чешките разузнавачки служби сите тие дипломати биле руски агенти.

Земјите на ЕУ искажале поддршка за Чешка, Чешка од своја страна не побарала координирана акција за протерување на руски дипломати во другите земји членки на ЕУ, потврди Борел.

Scroll to Top