Европските лидери сметаат дека производството ја кочи вакцинацијата, а не авторските права

пред 3 години

Лидерите на ЕУ сметаат дека клучниот проблем е производството и забраната за извоз на вакцини, а не интелектуалната сопственост
Порто, 7 мај 2021 (МИА) – Лидерите на Европската унија денеска изјавија дека клучните пречки за масовно доставување на вакцини против коронавирус не се правата на интелектуална сопственост, туку забраните за извоз и недоволниот капацитет за нивно производство.

На дводневниот Социјален самит на ЕУ, што почна денеска во Порто, лидерите наведоа дека треба прво да се решат овие прашања пред да се разгледа американскиот предлог за укинување на заштитата на интелектуалната сопственост за вакцините против коронавирусот, што треба да го забрза нивното производство и дистрибуција.

Францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот, сумирајќи ја позицијата на ЕУ, рече дека на лабораториите кои не знаат како да произведат вакцина против коронавирусот, нема да им значи ништо да добијат право на интелектуална сопственост.

Шпанскиот премиер Педро Санчез ја поддржа идејата на американскиот претседател Џозеф Бајден, но додаде дека таа не е доволна и оти треба да биде поамбициозна.

Додека САД беа многу скржави при извозот на вакцини произведени во таа земја, со цел прво да го имунизираат сопственото население, ЕУ стана водечки снабдувач на вакцини во светот, дозволувајќи од Унијата да излезат скоро онолку дози колку што се чуваат за нејзините 446 милиони жители, коментираат светските медиуми.

Макрон рече дека Бајден треба да поработи на тоа прашање.

– Англосаксонците (Вашингтон и Лондон) блокираат извоз на многу состојки потребни за производство на вакцини. Денес 100 проценти од вакцините произведени во САД се наменети за американскиот пазар, рече Макрон.

ЕУ повторно се обидува да преземе дипломатска иницијатива за прашањето за вакцините по неочекуваниот предлог на Бајден за укинување на заштитата на интелектуалната сопственост за вакцините против коронавирусот.

Лидерите на ЕУ изјавија дека се подготвени да дискутираат за американската идеја, која први ја изнесоа Индија и Јужна Африка, но додадоа дека во моментов многу други иницијативи ќе бидат поефикасни – почнувајќи од зајакнување на производствените капацитети, до дистрибуцијата на суровини.

Scroll to Top