Единствено Курти од косовските партиски лидери одговори на повикот на Османи за средба во врска со вонредните избори

пред 3 години

Поранешниот косовски премиер, Албин Курти од опозициското Движење самоопределување (ВВ), е единствениот од партиските лидери кој одговори на повикот на вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи за средба за консултации во врска со вонредните избори, по синоќешната одлука на Уставниот суд на Косово дека актуелната влада е избрана на нелегитимен начин, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според информациите на косовските медиуми, другите три партии кои Османи ги покани за денеска, на средбите ќе бидат претставувани од членови на раководствата.

Така, наместо лидерот Иса Мустафа, од владејачкиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) на средба ќе замине шефот на пратеничката група на таа партија, Арбен Гаши.

Опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), наместо вршителот на должноста претседател, Енвер Хоџај, ќе ја претставува потпретседателот Мемли Красниќи.

На истото ниво ќе биде претставена Алијансата за иднината на Косово (ААК), партија која е дел од владејачката коалиција, така што наместо лидерот Рамуш Харадинај, со Османи ќе се сретне потпретседтелот Бесник Тахири.

За утре Османи има свикано состаноци и со лидерите на другите парламентарни пртии.

По консултациите со политичките субјекти, согласно косовскиот Устав, треба да се одреди датумот на вонредните избори, кои треба да се одржат најдоцна за 40 дена.

Уставниот суд на Косово синоќа го прифати барањето на ВВ за прогласување за неважечки на еден од гласовите на пратениците за избор на владата предводена од премиерот Авдулах Хоти од ЛДК и одлучи дека треба да се организираат вонредни избори.

Причина за спорење на легитимитетот на пратеникот од партиите на немнозинските етнички заедници, Етем Азири, е тоа што пред да биде избран за член на законодавниот дом на Косово бил правосилно осуден на 15 месеци затвор заради кривично дело злоупотреба на службената должност.

Уставниот суд одлучи дека Азири на 3 јуни годинава, кога беше избрана новата влада, немал право да гласа, а со оглед дека со неговиот глас кабинетот на Хоти го обезбеди минималното потребно мнозинство од 61 пратеници во 120-членото Собрание на Косово, со поништувњето на тој глас досегашната влада го изгуби легитимитетот.

Scroll to Top