Израел започна ненадејна воена вежба по извршени напади во Сирија

пред 3 години

Израелската армија синоќа започна ненадејна вежба на воено-воздухопловните сили, симулирајќи војна во северниот дел на земјата, пишува „Тајмс во Израел“.

Претходно беше соопштено дека израелски борбени авиони нападнале објекти во Сирија, кои се поврзани со Иран.

Според армијата, вежбите, наречени „Галиле Роуз“, опфаќаат различни сценарија, вклучително и војна со либанската група Хезболах и нејзините сојузници во Сирија. Маневрите симулираат и заштита на израелскиот воздушен простор од упади, офанзиви, собирање разузнавачки информации и воздушна супериорност со неутрализирање на непријателската противвоздушна одбрана.

За време на вежбите, кои ќе траат до среда, ќе се користат авиони и други системи на воено-воздухопловните сили. Попладнево, жителите во северниот дел на Израел ќе можат да забележат повеќе авиони, хеликоптери и беспилотни летала од вообичаеното, а во регионот ќе се слушнат и експлозии, соопшти армијата.

Маневрите беа објавени неколку часа откако сириската агенција САНА информира дека израелските ВВС извршиле напади околу Дамаск. Најмалку девет војници се убиени, според Сирискиот центар за мониторинг на човековите права. Нападнати се објекти во областа на меѓународниот аеродром во Дамаск што ги користи Иран.

Scroll to Top