Му воведовме санкции на Лукашенко – Македонија се приклучи кон мерките на ЕУ против Белорусија

пред 3 години

Пет европски земји денеска се приклучиле кон санкциите кои Европската унија ги воведе против политичкото раководство на Белорусија, соопшти Советот на ЕУ.

„Земјите-кандидатки: Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, како и Исланд и Норвешка, кои се дел од Европската економска заедница, се придружуваат кон одлуката на Советот,“ се вели во соопштението, во кое се поздравува нивната одлука за приклучување кон санкциите, воведени поради сомнителните избори за претседател и репресивниот однос на власта на Александар Лукашенко кон опозициските демонстранти.

Исто така, во соопштението на Советот на ЕУ се наведува дека по овој чекор, овие држави ќе ги водат своите национални политики во склад со одлуката на Советот.

Брисел уште од 2 октомври објавува список со белоруски функционери и државни компании кои се под санкции, кој редовно се ажурира.

Во одговор на мерките од Брисел, Белорусија воведе реципрочни мерки кон земјите-членки на Унијата, а меѓу нив се запирањето на активноста на групата за координација „Белорусија-ЕУ“ и намалување на учеството на земјата во Источното партнерство. Властите во Минска најавуваат дека наскоро ќе воведат и други реципрочни мерки.

По изборите на почетокот на август, на кои според власта убедлива победа однесе актуелниот претседател Лукашенко, опозицијата објави дека не ги признава резултатите, затоа што според неа, победничка била опозициската кандидатка Светлана Тихановскаја. Започнаа масовни протести под обвиненија за масовна изборна кражба. Власта одговори остро на протестите, апсејќи илјадници демонстранти, од кои многумина се уште се во притвор.

Scroll to Top