Пердју: Штета е Софија да го блокира Скопје за ЕУ и да создаде непријателство

пред 4 години

Штета би било доколку Бугарија го запре процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, смета американскиот дипломат Џејмс Пердју, поранешен амбасадор во Софија и еден од посредувачите во разговорите за Охридскиот договор.

– Знам дека е примамливо Бугарија да се обиде да ја искористи својата позиција како членка на Европската унија, додека Северна Македонија се обидува да добие членство. Но, не сум сигурен дали вреди да се создаде непријателство меѓу владите на двете земји и нивните народи, изјави Пердју во интервју за емисијата „Сабота 150 “ на бугарската БНТ.

Пердју вели дека национален интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на НАТО и на Европската унија и затоа Софија треба тесно да соработува со Скопје.

– Премиерот на Северна Македонија е многу прогресивен човек. Тој имаше храброст да постигне договор со Грција за спорот за името. Јас сум многу импресиониран од него. Тој прави многу добра работа за својата земја. Би било штета за Бугарија да го запре процесот на пристапување на земјата во ЕУ заради нејзината историја и јазик. На крајот на краиштата, ние исто така зборуваме англиски, но немаме желба да и се наметнеме на Англија. Секоја земја може да го нарече својот јазик како што сака. Историските спорови никогаш не се конечно решени. Научниците се расправаат со векови. Нека ја завршат својата работа. Има начин да го сторат тоа – двете страни имаат толку многу заедничко, истакнува Пердју.

Тој додава дека многу повеќе би сакал да гледа соработка, а не блокади меѓу Северна Македонија и Бугарија.

– Јас сум пријател на двете страни. Загрижен сум за оваа блокада. Тоа не е во долгорочен интерес на Бугарија, заклучува американскиот дипломат Џејмс Пердју во интервјуто за “Сабота 150”.

Scroll to Top