По масовните протести, Полска ја одложува примената на спорната одлука за абортус

пред 4 години

Десничарската влада во Полска одлучи да го одложи спроведувањето на одлуката со која дополнително се ограничува правото на абортус. Ваквата одлука е донесена по двонеделните масовни протести низ Полска.

Владин претставник рече дека се консултирале во владата и дека е потребно повеќе време за дијалог, односно дека се одложува спроведувањето на одлуката.

Уставниот суд минатиот месец донесе одлука дека абортусот на фетуси со вродени маани го крши Уставот и дека таквиот абортус не е дозволен и со тоа дополнително ги ограничи прописите за абортус во Полска, кои веќе се едни од најстрогите во Европа.

Вродените мани биле главната причина за скоро сите 1.100 абортуси коиминатата година биле извршени во земјата, што значи дека абортусот е скоро целосно забранет со одлуката на Уставниот суд.

Доколку оваа одлука стапи на сила, абортусот ќе биде легален само во случај на инцест, силување или загрозено здравје на мајката.

Пресудата требаше да биде официјално објавена вчера, а необјавената нема правна сила.

Масовни протести се одржаа низ целата земја, собирајќи главно млади демонстранти.

Премиерот Матеуш Моравиецки повика на разговори со демонстрантите и опозициските пратеници за изнаоѓање решение.

Scroll to Top