Словенија: Министерот за здравство призна дека има разногласие во Владата околу новите мерки

пред 4 години

Словенечкиот министер за здравство Томаж Гантар денеска потврди дека ѝ предложил на Владата построги епидемиолошки мерки од оние што се во моментот во сила, но другите министри не се согласиле со тоа.

Тој во исто време негираше дека најавил оставка од функцијата.

Гантар, како одговор на медиумите на Твитер напиша дека епидемиолошката состојба во земјата се уште не е стабилна, иако некои зборуваат за релаксација на мерките, што е премногу рано, и затоа се залага за нови построги мерки што би биле во сила за пократко време, односно за две недели.

– Треба да ги ограничиме активностите што не се неопходни, да се затвори јавниот превоз и најважно е дека не смееме да ги намалуваме сегашните мерки, бидејќи се уште не сме постигнале стабилна состојба, истакна Гантар.

Иако тој тврди дека не размислува да даде оставка во моментов, ниту премиерот Јанез Јанша го сугерира тоа, Гантар тврди дека очекува да се почитуваат неговите ставови бидејќи тој е одговорен за здравствената состојба.

– Ако моите прелози не бидат прифатени, тогаш порано или подоцна ќе има ситуација кога веќе нема да може да се работи, но во овој момент, а во врска со епидемиолошките мерки, немаше разговор за тоа од моја страна или од страна на премиерот, истакна Гантар.

Словенечките медиуми објавија дека Гантар, како и експертската група на Владата предложиле поригорозни мерки на одреден временски период, се додека епидемијата не се стави под контрола. Тие предложиле воведување на мерките што важеле пролетва, како и некои построги ограничувања, како што е забрана за напуштање на местото на живеење надвор од радиус од еден километар, што Гантар не го потврди.

Scroll to Top