Српската полиција нашла коски блиску до викендичка што ја користела криминалната група на Вељко Беливук

пред 3 години

Вчера и денеска на депонија во Винча се пронајдени дваесетина коски, дознава српски „Блиц“.

Како што пренесува порталот, постојат сомнежи дека станува збор за коски од жртви на криминалната група на Вељко Беливук, попознат како Веља Неволја, инаку водач на една подгрупа на навивачи на фудбалскиот клуб „Партизан“.

Според сознанијата на „Блиц“, полицијата веќе неколку дена детално ги пребарува областите околу викендичките и куќите каде што тимот на Беливук ги мачел, а потоа и брутално ги убивал своите жртви. Кучиња трагачи вчера и денес ги довеле полициските екипи на депонијата во Винча, каде биле пронајдени коските.

Коските се испратени на анализа со цел со сигурност да се утврди дали се од луѓе, бидејќи не се цеосни, а потоа ќе се утврдува дали се тоа остатоци од некои од жртвите на Беливук.

Полицијата продолжува да го „чешла“ теренот околу имотот на тимот на Беливук, а, според „Блиц“ се пребарува и на друга локација, која се чува во строга тајност.

Беливук и 20 члена на неговата криминална група беа уапсени кон крајот на минатата недела. Засега, Веља Неволја и неговиот најблизок соработник Марко Миљковиќ се обвинети за три убиства.

Вељко Беливук и неговата криминална група, по бруталноста на злосторствата и начинот на организирање, многумина ги споредуваат со озлогласениот „Земунски клан“.

Минатата недела во Србија започна една од најобемните полициски акции извршени во последните 18 години во која падна криминалната организација скриена зад навивачката група „Принципи“, за која постои сомневање дека контролира добар дел од пазарот со наркотици во Србија, но стои и зад серија киднапирања и ликвидации.

Scroll to Top