Ѓорѓе Балашевиќ во болница со Ковид-19, има тешко воспаление на белите дробови

пред 3 години

Познатиот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ е примен на Инфективната клиника во Белград со воспаление на двете белодробни крила предизвикано од коронавирусот, а во болница се пријавил откога му се влошила состојбата, иако десет дена чувствувал симптоми, јавуваат српските медиуми.

67-годишниот музичар, поет и миленик на публиката ширум просторите на поранешна Југославија, сега се чувствува добро и е благодарен на негата што ја добива од лекарите и персоналот на клиниката.

Балашевиќ преживеа инфаркт во 2019 година, што го става во ризичната група на пациенти со Ковид-19.

Денеска по појадокот, тој зборувал со семејството, а потоа зборувал и со лекарите, со кои се пошегувал, пишуваат медиумите, кои додаваат дека популарниот „Ѓоле“ е добро расположен и оти не се жали на тегобите.

Балашевиќ десетина дена имал симптоми слични на оние на коронавирусот, но се лекувал дома. Тој се пријавил на преглед дури кога здравјето дополнително му се влошило, а тогаш и било откриено дека има билатерална пневмонија и дека му е потребна хоспитализација.

Scroll to Top