Залудно им чуваше две места на секој концерт – родителите на Ѓорѓе Балашевиќ никогаш не му простија што ја одбра музиката

пред 3 години

По веста за смртта на познатиот југословенски и српски кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ, кој почина денеска во болница во Белград од компликации поврзани со коронавирусот, фановите ширум поранешна Југославија се потсетуваат на трагите што тој го остави во музичкото и културното наследство на ескјугословенскиот простор. Многубројни се коментарите на луѓе кои сметаат дека Балканот уште долго време нема да изнедри поет, бард и романтичар од негов калибар.

Меѓу стотиците анегдоти и ситуации од неговиот исполнет живот, кои сега се споделуваат, една тажна приказна беше црна дамка врз кариерата и врз приватниот живот на Балашевиќ, а таа е поврзана со неговите родители.

Таткото на Ѓоле, Јован Балашевиќ, и неговата мајка, чие полно име е Вероника Елвира Матилда Доленц, никогаш не се помириле со одлуката на Ѓоле професионално да се занимава со музика. Тие сметале дека треба да работи во струката за која се школувал – географијата. И покрај тоа што никогаш не учел музичко училиште, Балашевиќ уште во детството научил да свири неколку инструменти и почнал да пишува стихови и музика. Немирниот дух на Ѓоле и неговиот уметнички порив у талент, „влечеле“ кон живот посветен на стиховите и музиката, осветлен од рефлекторите на сцената.

Јован и Вероника Балашевиќ

Револтирани поради тоа што не ги послушал и во знак на протест поради неговиот избор да ја напушти гимназијата во третата година, без да матурира, Јован и Вероника Балашевиќ никогаш не отишле да го гледаат својот син кога настапува во живо.

И покрај овој тврд став на родителите, кој беше надвиснат врз Балашевиќ за време на целата негова кариера, тој, во потег што е својствен за него, им чуваше две празни места на секој негов концерт, каде и да се одржуваше. Но, надежта дека тие еден ден сепак ќе попуштат и ќе покажат дека го поддржуваат, на крајот се покажа како залудна, а тој не дочека да им пее на своите мајка и татко, кои се починати пред децении.

За време на најуспешните денови од кариерата на Балашевиќ, јавноста знаеше многу малку за неговиот однос со родителите, но во неговите песни тој вметнуваше стихови од кои се наѕираше болката што му ја предизвикува таа тема. На еден од неговите први албуми, снимен со колешката од групата „Рани мраз“, Биљана Крстиќ, Ѓоле му даде име „На мојата мајка, наместо матурска слика во излогот“.

Балашевиќ го поминал детството во куќата на улицата „Јован Цвијиќ“. Бил мирно и интелигентно, многу музикално дете, а научил да чита со помош на постарата сестра Јасна, која починала пред неколку години. Според српските медиуми, Балашевиќ бил многу близок со неговата сестра, но никогаш јавно не зборувал за неа. Во куќата во Нови Сад која ја наследил, опеана во неговиот хит „Неки нови клинци“, Ѓоле подоцна го оформил и неговото семејство, заедно со сопругата Оливера и трите деца: Јована, Јелена и Алекса.

Scroll to Top