Анти-ковид мерките во продавниците се преточуваат во закон

пред 3 години

Предлог-законот за дополнување на Законот за трговија, со кој правно се регулираат мерките за превенција од КОВИД во продавниците на мало, денеска го помина првото читање пред собраниската Комисија за економски прашања.

Членовите на Комисијата го прифатија и единствениот амандман, поднесен од пратеничката Лидија Петковска, кој пред да биде ставен на гласање, беше изменет.

-Мерките за превенција од КОВИД-19 со кои се воспоставува ред и дисциплина при влезот во внатрешноста на објектите кои вршат трговија на мало – продавници, самопослуги, маркети, пекари, дуќани, се воведени со Уредбата со законска сила за време на вонредната состојба. Бидејќи одредбите од оваа Уредба имаа примена додека траеше вонредната состојба и 200 дена по нејзиното престанување, заклучно со 9 јануари 2021, а пандемијата уште трае, се наметна потребата да бидат преточени во Законот за трговија со што би се обезбедил континуитет во нивната примена и воедно не би биле временски ограничени, односно би се применувале додека трае пандемијата, рече заменик-министерот за економија, Зоран Маневски, образложувајќи го предлог-текстот.

Според Предлог-законот, трговецот на мало во услови на пандемија е должен да постави ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите во кои се врши трговија на мало, да обезбеди редарска служба за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот, да обезбеди спроведување дезинфекција за раце при влез во објектот, да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување минимум потребното растојание при чекање ред на лицата пред и во објектот, како и да обезбеди заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените во објектот.

Во објектите на трговецот може истовремено да пазарува најмногу по едно лице на површина од секои 10 метри квадратни, а во објектите помали од 10 метри квадратни, може да пазарува само едно лице.

Пратеничката Петковска со амандманот, меѓу другото, побара да се дефинира дали продавниците ќе треба да вработат посебни лица како редари или за тоа ќе може да биде анагажирано некое од веќе вработените лица. Заменик-министерот најпрво рече дека амандманот не се прифаќа.

-Трговците ниту се надлежни, ниту се овластени лица за воспоставување ред и дисциплина. Во овие тешки времиња, наша должност е да им ја олесниме работата на сите претприемачи, а не дополнително да им ја усложнуваме со наметнување дополнителни давачки. Немаат сите трговци можност да си обезбедат приватно обезбедување. Нашата цел е трговците да не се изложуваат на дополнителни трошоци кои би произлегле ако мора да ангажираат дополнителни редарски служби дури и ако тоа не е потребно, согласно обемот на работа и борјот на потрошувачи вио продасвниците. Со прифаќањето на амандамнот ќе помогневме трговците да не се континуирана мета на инспекциските служби кои би можеле да изрекуваат глоби во продажните објекти и кога нема потрошувачи, рече Петковска.

Нејзиниот колега Здравко Трајанов го квалификува владиниот предлог како крајно лошо, апсурдно решение кое ќе ги унишпти трговците на мало. Тој побара или амндамнот на Петковска да се усвои или законот да се повлече и доработи.

-Трговија на мало е многу широк поим. Освен големи маркети, опфаќа и киоск, семкара, маалска продавница во некое село. Очигледно Владата е изгубена во овој закон и само може да им нанесе штета на малите трговци, истакна Трајанов.

Според Алкесандар Велјановски кој се согласи со забелешките на Трајанов, несериозно е заменик-министер да отфрли ваков амандман без да образложи зошто тоа го прави.

– Тоа е несеризно пред се кон трговците на мало, потоа кон Собранието и кон нас пратениците. Целта на амандманот е законот да биде поприфатлив за трговците на мало и тие да може да го спроведат, а не да имаат последици по работењето и да бидат казнети за банална работа од инспекторите, рече Велјановски.

За дискусија се јави и пратеникот Љупчо Димовски кој оцени дека носењето на овој закон е задоцнето еден месец. И тој реагираше и до заменик-министерот, со забелешка дека амандманот воопшто не го прочитал. Димовски праша дали целта на Владата со ваквото решение е да се глобат малопродажните објекти или да се остават да функционираат. Притоа апелира да се донесе компромисно решение кое ќе биде од интерес за сите.

Членовите на Комисијата претходно ги разгледаа сите точки од дневниот ред и дадоа зелено светло да поминат во натамошна собраниска постапка. Остана уште Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија за 2021 година.

Scroll to Top