(Видео) Милошоски: Производството на струја по методите на Ковачевски и Заев станува многу скапо за граѓаните

пред 3 години

Директорот на ЕЛЕM Васко Ковачевски продолжува со тендерите и со договорите кои што значат дополнителна штета на Буџетот на државата, рече на денешната прес-конференција Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што кажа Милошоски, до ВМРО-ДПМНЕ стигнале 11 склучени договори за ископ во вкупна вредност од околу 4 милиони евра, пари кои ќе се дадат за изнајмување на машини од приватни фирми, за ископ на јаглен, при што цената за ископ на еден тон јаглен се зголемува од 15 на 30 евра за еден тон.

„Ова е двојно зголемување на цената за ископ на јаглен што влијае на рентабилноста на АД ЕЛЕМ и на цената на струјата што ја плаќаат граѓаните. Производството на струја во РЕК по методите на Ковачевски и Заев станува нерентабилно за државата и станува многу скапо за граѓаните. Ваквите двојни цени за ископ на јаглен значат зголемен профит за поединци блиски до фамилијата на власт, а цената на крајот сепак ја плаќа народот“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Милошоски, Ковачевски треба или да ги раскине, како што кажа, овие 11 штетни договори за ископ или да го праша Заев дали смее да си поднесе оставка од АД ЕЛЕМ.

„Заради овие договори производствената цена во РЕК Битола се зголемува за 20 проценти за киловат час електрична енергија. 20 проценти поскапа струја во РЕК Битола кон ЕЛЕМ значи 20 проценти поскапа струја кон ЕВН. Таа разлика понатаму ќе ја плати АД ЕЛЕМ со загуби или ќе ја платат граѓаните преку поскапа струја. Но, бидејќи АД ЕЛЕМ е Акционерско друштво во државна сопственост загубите на крајот и на АД ЕЛЕМ по втор пат ќе ги платат граѓаните кои што го полнат Буџетот“, посочи членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top