(Видео) Трипуновски: Цената на златниот прибор на Заеви достигнува и до 50.000 евра, а тутунарите немаат за леб

пред 3 години

Додека Заеви јадат од златен прибор, за кој што цената достигнува и до 50.000 евра, тутунарите трпат за леб, бидејќи килограм тутун го продаваат по цена од една кутија цигари, обвини денеска претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.

„Два месеца трае голготата на тутунарите. Два месеци Заев ги лаже и ги манипулира дека ќе им го реши проблемот. Два месеца нема решение. 30.000 домаќинства односно 120.000 наши сограѓани, тутунари, се со загрозена егзистенција“, посочи тој.

Според него, решение има, само е потребно веднаш да се реагира.

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ уште на 28.12.2020 година побараа расправа во Собранието за состојбата со тутунот и тоа да биде како прва точка на дневниот ред, но СДСМ за да ја избегне точката, ја стави како последна на дневниот ред со цел колку може да пролонгира“, рече Трипуновски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ како во минатото така и сега останува на располагање на тутунарите и ќе биде со нив.

„Преку нашите пратеници ќе иницираме и јавна расправа во Собранието. И со сите средства кои ни стојат на располагање ќе се бориме за правата на тутунарите“, посочи претставникот на опозициската партија.

Scroll to Top