Забрана за работа на асфалтна база во Куманово заради прекумерно загадување на воздухот

пред 3 години

Државниот инспекторат за животна средина на 5 март изврши вонреден надзор на асфалтната база Кооп инженеринг ДОО во Куманово.

Од ДИЖЗС велат дека граѓаните од населбите Железничка станица, Бедиње и Черкези доставиле видео запис на кој можело да се види емисија на густ чад, поради што во текот на ненајавениот надзор се извршиле мерења на отпадни гасови и прашина од страна на акредитирана лабораторија. Целта на мерењата било утврдување на реалните емисии и проверка на претходни извештаи за почитување на граничните вредности од дозволата, нарачани од страна на самата инсталација.

„Со Извештајот на акредитираната лабораторија се утврди повеќекратно надминување на граничните вредности за прашина. Во согласност со наодот на лабораторијата, на 12-ти март на асфалтната база ѝ беше наредено да престане со работа во период до 30 дена, односно додека се постави соодветен вреќаст филтер. Филтерот ќе обезбеди дека со наредни лабораториски мерења емисиите ќе бидат во рамките на дозволените граници“, велат од инспекторатот.

Од таму најавија дека ќе продолжат со ненајавени мерења на емисиите во воздухот и испуштањето на отпадни води од страна на загадувачите, што ќе ги врши акредитирана лабораторија, ангажирана по пат на јавна набавка.

Scroll to Top