Филипче следната недела ќе каже дали ќе го разреши Асани кој и со дива амбуланта сè уште е директор на болницата во Струга

пред 3 години

Министерот за здравство Венко Филипче следната недела ќе каже дали Мухамед Асани ќе биде разрешен од функцијата директор на Општата болница Струга откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврди дека дома имал дива амбуланта. Инспекторатот ја откри амбулантата откако пациентка го обвини Асани за лекарска грешка оти по породување со царски рез дома си заминала без бубрег, јајник и матка и без објаснување зошто и се извадени. Министерството за здравство го прекина молкот за разрешувањето на Асани кој трае од јануари и попладнево испрати кус одговор на прашањата од „А1он“.

„Министерството за здравство ќе направи детална анализа на наодите од страна на ДСЗИ и струшкото Основно јавно обвинителство во врска со случајот и во текот на следната недела ќе се произнесе со став“, велат од Министерството за „А1он“.

Од таму не објаснуваат зошто досега не направиле таква анализа имајќи предвид дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат во јануари утврди дека Асани дома имал дива амбуланта во која прегледувал пациенти. Инспекторатот тогаш извести дека по службена должност за сите наоди од вонредниот инспекциски надзор во Струга е известено Министерството за здравство. Истовремено Инспекторатот ја испрати и целокупната документација за случајот во Обвинителството во Струга со известување дека во случајот постои сомнение за сторено кривично дело. Обвинителството извести дека постапува по пријавата.

Министерот Филипче досега молчеше за разрешувањето но не и за стручниот надзор кој за случајот на Асани го направи Лекарската комора. Тој вчера извести дека комисијата од Лекарската комора утврдила дека Асани не направил лекарска грешка кога при породување со царски рез на пациентката од Дебар, која го крена алармот за Асани, и извадил бубрег, јајник и матка.

Во кусиот одговор попладнево од Министерството за здравство избегнаа да одговорат на прашањето зошто министерот не ја формирал комисијата за стручен надзор туку тоа го препуштил на Лекарската комора.

Јалдз Веапоска, пациентката на која и беа извадени органите за „А1он“ рече дека амнестирањето на Асани од одговорност за нејзиниот случај не ја изненадило оти веќе ја известиле дека комисијата по увидот заедно со лекарот отишла на ручек.

Лекарската комора не ги кажа имињата на лекарите кои биле во комисијата, а од таму не оговорија ниту на барањето од „А1он“ за тоа кои лекари одлучија дека Асани не направил лекарска грешка.

Scroll to Top