12 месеци со Ковид-19: Македонија има на 100 илјади заболени, повеќе од 3000 починати и само 8000 донирани вакцини

пред 3 години

Со статистиката од вчера за новите 554 заразени, корона-годината во земјава е заокружена со 101 762 дијагностицирани. Од ланскиот 26 февруари, кога беше откриен првиот случај и е почеток на епидемијата кај нас, направени се 516 169 тестирања за КОВИД-19. Оздравени се 90 895, а починаа 3119 пациенти.

Како и во регионот, критично беше во есенскиот, втор бран, кога покрај високиот број новозаразени дневно, беа и деновите со најбројни смртни случаи: 40 на 16 ноември и 46 на 9 декември 2020. Минатата пролет трката во светот беше за респиратори, а сега главен предизвик се вакцините и начините и напорите да се набават.

Од најавуваните три механизми, засега во земјава се стигнати само вакцините „Фајзер“ што ни ги отстапи Србија и се наменети за медицинскиот кадар ангажиран за ковид-пациентите. Нивната имунизација почна пред десет дена, а за помасовна се чекаат пратките од кинескиот „Синофарм“ и вакцините од „Фајзер“ од договорот склучен со овој производител. Дотогаш граѓаните може да пријавуваат само интерес за примање вакцина, на веб-страницата vakcinacija.mk и кај матичните лекари.

Повторно е најавено одлагање за неколку дена на доаѓањето на кинеските 200 000 вакцини, првично најавени за средината па за крајот на месецов. Соопшти дека е потпишан договорот за набавка на руската вакцина „Спутник В“ и дека течат разговорите со производителот, а за да се забрза набавката се ангажирал и рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин.

Во меѓувреме, се бележи зголемување на бројот на заразени и раст на РО-факторот на преносливост на 1,3. Тоа се должи на собири на јавни места и во угостителски објекти, а со убавото време, рече, многу граѓани не носат заштитни маски и не ги почитуваат мерките за дистанца.

Анализата на вирусот кај новодијагностицираните покажала дека кај 70 проценти се работи за т.н. британски сој. Најмногу има во Кавадарци, Прилеп и Охрид, каде што, според вчерашната статистика, се и најбројните активни случаи по Скопје (Прилеп има 604, Кавадарци – 559, Охрид – 403).

Во болниците низ земјава (на инфективните оддели и во ковид-центрите), се хоспитализирани 675 пациенти заразени или сомнителни на коронавирусот, од кои 253 во главниот град и 422 во другите градови. Министерството за здравство соопшти дека има 370 празни болнички кревети.

Од 554-те нови случаи во вчерашниот здравствен билтен, кои се потврдени од 3477 тестирања, 258 се од Скопје. Вчера беа евидентирани и осум починати луѓе, на возраст од 64 до 77 години,. Оздравени се 210, а активни во целата земја се 7748 случаи, од кои речиси половина (3421) се во Скопје.

Scroll to Top