Австриската полиција уапси 30 исламисти

пред 4 години

Австриската полиција спроведе акција во четири провинции против лица и здруженија кои ги поддржуваат Муслиманското братство и Хамас.

Државното обвинителство во Грац нареди истрага против 70 осомничени, а како резултат на таа акција се извршени претреси во 60 станови, куќи, деловни простории и просториите на здружението.

Како резултат на претресот, 30 лица се лишени од слобода, односно се однесени на итно сослушување.

Обвинителството во Грац изјави дека спроведува истрага против повеќе од 70 осомничени и неколку здруженија и компании, поради сомневање за терористичко здружување, финансирање тероризам, здружување против безбедноста на земјата, како и криминална организација и перење пари.

Притоа е истакнато дека акцијата нема никаква врска со терористичкиот напад во Виена на 2 ноември, туку станува збор за акција што резултирала врз основа на сеопфатна и интензивна едногодишна истрага.

„Ние дејствуваме против криминалните, екстремистички организации со полна сила и со сите можни средства за владеење на правото“, потенцираше министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер.

Министерката за интеграција Сузана Раб рече дека тоа е многу важен удар против екстремистичките идеологии.

„Со оваа акција против муслиманската гарда покажуваме дека водиме сериозна борба против радикалните, екстремистички идеологии. Нема да дозволиме екстремистички идеологии да се шират низ Австрија“, рече таа.

Scroll to Top