Во Грција повторно над 2.000 нови случаи на Ковид-19

пред 4 години

Во Грција веќе четврти ден по ред дневниот број на новозаразени е над 2.000 лица, а во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 2.448 нови случаи на Ковид-19.

Според Националната организација за јавно здравје, приклучени на апарати се 196 пациенти, девет повеќе од вчера, а починаа 14 лица.

На денешната редовна прес конференција во Министерството за здравство на Грција за ситуацијата со коронавирусот во земјата, професорот Гикас Мајоркинис рече дека постои „агресивна динамика на раст, со речиси 3.000 случаи дневно“, со лоша епидемиолошка слика во северниот дел на земјата.

Од денешните 2.448 случаи, 683 се во Солун, а 492 во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Во пресрет на утрешниот карантин, заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас се задржа на мерките што стапуваат во сила во цела Грција, објасни дека казните за непочитување се двојно повисоки за разлика од првиот карантин и додаде дека ќе бидат зголемени и контролите.

За оние кои не носат маска, не одржуваат растојание или не се придржуваат на правилата за движење само со смс порака, предвидена е казна од 300 евра.

Доколку сопственик на бизнис ја прекрши мерката за забрана за работа, ќе биде казнет со 5.000 евра.

Од почетокот на епидемијата, во Грција се регистрирани 52.254 случаи, а починаа 715 лица.

Scroll to Top