Мишел: Следната недела важен самит на ЕУ во Брисел

пред 3 години

Лидерите на 27 земји членки на ЕУ ќе допатуваат следната недела во Брисел, каде ќе присуствуваат на самитот кој ќе се одржи на 10 и 11 декември, најави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Тој истакна дека физичкото присуство на лидерите на земјите од ЕУ, и покрај пандемијата на Ковид-19, е неопходно со цел да се договорат околу повеќе важни прашања.

– Самитот ќе се одржи во Брисел со физичко присуство. Тоа е добро бидејќи темите кои се на дневен ред бараат да се сретнеме, да седнеме заедно во иста просторија и да донесеме заедничка одлука за важните прашања, нагласи Мишел.

Претседателот на ЕС додаде дека на ЕУ и е потребно единство, транспарентност и ефикасност, до кои побрзо ќе дојде со физичка средба, отколку преку видео-конференција.

На декемврискиот состанок лидерите на ЕУ треба да донесат одлуки за односите со Турција, новата администрација на САД, за Брегзит, стратегија за вакцинација во Европа и други важни прашања.

Scroll to Top