Средба на Пендаровски со министерот за одбрана на НР Кина, генерал Веи Фенгхе

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими министерот за одбрана на Народна Република Кина, генерал Веи Фенгхе, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.

На средбата били разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, кои се карактеризираат со пријателство, меѓусебно разбирање и почит, соопштуваат од кабинетот на претседателот.

Претседателот Пендаровски истакнал дека Република Северна Македонија, која е членка на НАТО и земја-кандидат за членство во Европската Унија, ќе соработува со Народна Република Кина во рамки на „Процесот за соработка 17+1“.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за севкупната техничка помош доделена од Народна Република Кина која се реализира преку проекти во различни области.

Посебна благодарност претседателот Пендаровски упатил за доделената помош во борбата против Ковид-19, преку доделување на финансиски средства и заштитна опрема.

Пендаровски ги истакнал и очекувањата за скорешно финализирање на набавката на вакцини од кинеската компанија „Синофарм“, што е од особена важност за непречена реализација на масовната имунизација на населението против Ковид-19.

Scroll to Top