„Амнести“: Навални го мачат во затвор и можеби полека го убиваат

пред 3 години

Организацијата „Амнести интернешнл“ (АИ) денес објави дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил затворен во услови што претставуваат тортура и можно бавно убиство.

АИ тврди дека Навални, кој беше отруен со нервен агенс минатата година, а потоа и уапсен, бил измачуван во затвор, дека не смеел да спие и дека му е забранета медицинска помош од лекар на кој може да му верува во затворот, објави „Ројтерс“.

„Можно е руските власти полека да го убиваат и да се обидат да сокријат што му се случува. Нема сомнение дека властите во Русија ги кршат неговите човекови права. Треба да сториме повеќе (за него). Тие веќе се обидоа да го ликвидираат, сега го држат во затвор и го изложуваат на затворски услови што претставуваат тортура“, истакна Агнес Каламар, генерална секретарка на АИ.

Навални започна штрајк со глад минатата недела обидувајќи се да се избори за соодветна медицинска нега за акутна болка во грбот и во нозете, а Кремљ одби да го коментира случајот, велејќи дека тоа е одговорност на сојузните затворски власти.

Scroll to Top