И Холандија привремено ја прекинува вакцинацијата со „Астразенека“

пред 3 години

Холандските здравствени власти објавија дека биле принудени да откажат 43.000 термини за вакцинација поради одлуката на владата да ја прекине вакцинацијата со вакцината на „Астразенека“ најмалку две недели, објави новинската агенција АНП.

Суспензијата ќе важи најмалку до 29 март, пренесува „Ројтерс“.

Неколку други европски земји привремено ја прекинаа употребата на вакцината од британско-шведската компанија во претходните денови, вклучувајќи ги Норвешка, Данска и Ирска поради згрутчување на крвта во некои случаи по употребата на таа вакцина.

Министерството за здравство во Холандија соопшти дека овој потег следува по шест нови извештаи во Данска и Норвешка за згрутчување на крвта и намалување на нивото на тромбоцити кај луѓе на возраст под 50 години кои ја примиле вакцината.

Холандскиот орган за лекови, исто така, истакна дека не е докажана поврзаноста помеѓу случаите и вакцината.

Министерството за здравство додаде дека не се пријавени такви случаи во Холандија.

Одлуката доаѓа еден ден откако фармацевтската компанија најави понатамошно намалување на испораките на својата вакцина против коронавирус во Европската Унија, повикувајќи се на извозни ограничувања.

„’Астразенека’ жали за одлуката за намалување на испораките на вакцината во Европската Унија и покрај тоа што неуморно работеше на забрзување на снабдувањето“, изјави портпаролот на компанијата.

Денеска и италијанскиот регион Пиемонт објави дека привремено ја прекинува вакцинацијата со „Астразенека“ откако учител од провинцијата Биела починал откако ја примил вакцината во саботата.

„Астразенека“ вчера соопшти дека нивната вакцина не предизвикува згрутчување на крвта.

Scroll to Top